ВРВОТ НА ВЕТЕРОТ (Песна). Маи Ван Фан. Преведено од англиски на македонски јазик од Даниела Андоновска-Трајковска
Маи Ван Фан – Mai Văn Phấn
Превод од виетнамски на англиски: Nhat-Lang Le & Susan Blanshard
Превод од англиски на македонски: Даниела Андоновска-Трајковска
Проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска
ВРВОТ НА ВЕТЕРОТ
I
Лазејќи на острите врвови на карпата
Телото на ветерот гребе
Дождот е крвта на ветерот
Сончевата светлина капе надолу
Планините го тркалаат бакнежот високо горе
Сивите облаци го враќаат назад
Планините широко ги отвораат рацете, газат со нозете на
земјата
Кршејќи ја на делови
Го кинат телото на ветерот на парчиња
Ѕвездената светлина паѓа
Утрото блика
Горе сѐ до врвот на превојот во блесок
Отворените очи гледаат надолу
Бакнежите се натрупаа повисоко
Полудениот ветер се тркала нагоре на некој друг врв.
II
Наоѓајќи ја твојата уста за да сее
Ветерот се држи на нежните екстремитети на земјата
И се нурнува во амбисот
Изгниена е внатрешноста на ридовите и планините
Градите на ветерот лебдат
Играат на земјата
Школката ја скрши
светлината
Изворот се излева од устата на зрното
Чекајќи да изртат котиледоните Ветерот ќе ја разнесе
земјата.
III
Затвори ја цврсто вратата кога ветерот дува сѐ посилно
Нештата кои одеднаш се запаметуваат, ми ги стегаат
градите
Окото на ветерот нежно ме донесе во тебе
Вртејќи се брзо во круг
Минувајќи крај мостот
Ветерот ми го наведна телото
Обесено како водена крпа на оградата
Капејќи надолу во брзата река.
Се сеќавам како возот го сече телото на ветерот
Стапчињата чад се превртуваат и звукот на сирената
одеднаш исчезнува
Мојот здив е притиснат низ устинката на трубата
Притисокот е како орелски крилја раширени широко
Подигнувајќи ги нежните крилца на вилинското коњче
Ноншалантно на грбот на ветерот
Од надворешната страна на сводот на болниот лист
Паѓа за да ја задоволи лудата возбуда
- Ова уништување на страста
Даниела Андоновска-Трајковска: Проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска е родена на 3.02.1979 година во Битола, Р. Македонија. Работи како универзитетски професор на Педагошки факултет-Битола на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола на група методички предмети меѓу кои Методика на наставата по македонски јазик, Методика на почетно читање и пишување, Методика на креативното пишување и Методика на критичка писменост. Пишува поезија, кратки раскази, есеи и критики, но и научни и стручни трудови од подрачјето Образование кои се објавени во референтни интернационални научни публикации. Член и коосновач е на Универзитетскиотлитературен клуб Дениција ПФБТ – УКЛО Битола и Центарот за литература, уметност, култура, ораторство и јазик на Педагошкиот факултет во Битола. Член е на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ), Битолскиот книжевен круг (БКК) и Македонското научно друштво Битола (МНД). Претседател е на Уредувачкиот совет на МНД, Комисијата за издавачка дејност на Педагошкиот факултет-Битола, а уредник е на списанието за култура – литература, драмска уметност, филм и издаваштво Современи дијалози (МНД) и на списанието за литература Раст во издаваштво на Битолскиот книжевен круг. Ги има објавено следниве книги поезија: „Збор за зборот“ (со Златко Жоглев и Гордана Стојаноска, Матица македонска, Скопје, 2014), „Поема за маргините“ (со Гордана Стојаноска, изд. Македонско научно друштво, Битола, 2015), „Црна точка“ (изд. Битолски книжевен круг, Битола, 2017), „Стапалки“ (изд. Македонско научно друштво-Битола, 2017), „Три“ (изд. Современост, Скопје, 2019). Во процес на објавување е и поетската збирка со наслов „Куќа на контрасти“.Застапена е во домашни и странски литературни списанија и публикации, а учествува и на домашни и на странски литературни манифестации. Добитник е на меѓународна награда од Носиде, Италија (2011), награда за најдобра необјавена песна од Друштвото на писатели на Македонија на манифестацијата „Празник на липите“ 2018, втора награда на Караманови средби 2018 и наградата „Крсте Чачански“ за најдобра необјавена збирка раскази во 2019 со наслов „Кафе чај и црвено небо“.
Мај Ван Фан (Mai Văn Phấn)е виетнамски поет роден во 1955 во Нин Бин (Ninh Bình), на делтата на Црвената Река во Северен Виетнам. Живее и пишува поезија во Хај Фонг (Hải Phòng). Има добиено неколку национални книжевни награди, а има објавено 16 книги поезија, една книга со критики и есеи и 23 книги кои се објавени во странство. Поезијата на Мај Ван Фан е преведена на 33 јазици.